Како функционираат изборите на OTW

Процесот на гласање на OTW

За изборите за нашиот Управен одбор, OTW (Организација за трансформативни дела) користи вид на претпочитано гласање основан на системот на гласање со автоматски втор круг (Instant Runoff Voting – IRV). Овој метод овозможува изборен процес со само едно гласачко ливче каде што секој глас е значаен.

За време на гласањето се брои најпретпочитаниот кандидат на секој гласач и се формира ранг-листа на кандидатите. Ако некој кандидат има мнозинство кога ќе се избројат сите гласови за првиот избор, тој кандидат е првиот победник. За да го прилагодиме IRV за повеќе победници, го отстрануваме тој победник од гласачкото ливче. Повторно се бројат гласачките ливчиња на кои победникот е најпретпочитаниот кандидат и тие гласови се распределуваат на кандидатите кои се назначени како втор избор на ливчето. Повторно се формира ранг-листа, при што кандидатот на врвот на таа листа е вториот победник.

За упатство кое го објаснува процесот чекор по чекор, погледнете ги инструкциите за гласање.

Што е IRV?

Гласањето со автоматски втор круг (Instant Runoff Voting) е систем на избори кој овозможува да се донесе одлука со само еден круг на гласање со тоа што гласачите ги рангираат кандидатите. Најголемата предност на овој систем е тоа што ја елиминира потребата за втор круг на гласање кога бројот на гласови е изедначен. IRV исто така е отпорно на тактичко гласање — феномен во кој гласачите гласаат против кандидатот кој не сакаат да победи наместо за кандидатите кои навистина ги поддржуваат — затоа што овој метод ги намалува шансите гласовите да се поделат помеѓу повеќе слични кандидати и со тоа да му се овозможи победа на противникот. Гласовите не пропаѓаат, што значи дека гласачите имаат повеќе опции. Процесот на рангирање исто така може да ги намали негативните кампањи и конфликтите помеѓу поддржувачите на различните кандидати. Кандидатите не мора да ги отуѓуваат поддржувачите на другите кандидати затоа што секој гласач може истовремено да ги поддржи двајцата!

Гласачите на гласачкото ливче можат да рангираат колку кандидати сакаат, под услов да рангираат најмалку еден кандидат.

За време на гласањето се брои најпретпочитаниот кандидат на секој гласач и се формира ранг-листа на кандидатите. Ако некој кандидат има мнозинство кога ќе се избројат сите гласови за првиот избор, тој кандидат е првиот победник. За да го прилагодиме IRV за повеќе победници, го отстрануваме тој победник од гласачкото ливче. Повторно се бројат гласачките ливчиња на кои победникот е најпретпочитаниот кандидат и тие гласови се распределуваат на кандидатите кои се назначени како втор избор на ливчето. Повторно се формира ранг-листа, при што кандидатот на врвот на таа листа е вториот победник.

IRV го одредува кандидатиот кој е прифатлив за мнозинството од гласачите — не само кандидатот со најголем број на гласови, што е можно да се случи кај секое нерангирано гласање на ливче со повеќе од два кандидати.

Гласање преку полномошник

Гласањето преку полномошник Ви овозможува да назначите некој друг да го уфрли Вашиот глас на изборите.

OTW е обврзана да дозволи гласање преку полномошник во согласност со законот на Делавер според кој „Акционерот може да овласти друго лице или лица да дејствуваат за тој акционер како полномошник со пренесување или овластување на електронски пренос на лицето кое ќе биде носител на полномоштвото.“

Кај корпоративните избори полномошници се користат кога гласачкиот член не може да присуствува на состанокот. Со проширеното електронско гласање, најголемиот дел од причините за гласање преку полномошник не важат. Сепак, периодот на гласање може да се случи кога гласачкиот член има други обврски или нема пристап до интернет.

Доколку Ви е потребен полномошник, можете да го назначите кога било до две недели пред изборите. Полномоштвото ќе трае шест месеци и во тој период не можеме да го откажеме или смениме. Полномоштвото не може да се прераспредели.

Полномоштвото се назначува преку е-пошта. Барањето за назначување на полномошник мора да го испратите од адресата на е-пошта која претходно сте ја користеле во OTW и да го пратите и на [email protected] и Вашиот полномошник. Пораката исто така мора да го содржи Вашето легално име и изјава дека сакате да го назначите примателот на пораката за Ваш полномошник. Полномошникот потоа треба да одговори на сите приматели, да го потврди приемот на пораката и притоа да го наведе своете легално име. [email protected] мора да го прими овој одговор најмалку две недели пред изборите.

Кога назначувате полномошник, одберете некој кому му верувате да гласа за Вас. Договорот помеѓу Вас и Вашиот полномошник може да има какви услови сакате, но само како договор помеѓу поединци. OTW не е одговорна да ги спроведе условите што ќе ги поставите и не можеме да потврдиме дали Вашиот полномошник го искористил Вашиот глас, ниту да Ви кажеме за кои кандидати гласал.

Оспорување на изборите

Само кандидатите можат да побараат пребројување или повторно гласање. Секој кандидат кој сака да го стори тоа треба да го испрати барањето, со објаснување зошто мисли дека е потребно пребројување или повторно гласање, на нашата Комисија за избори не подоцна од една недела по завршувањето на гласањето. Комисијата ќе донесе одлука во рок од една недела по примањето на барањето. Доколку се утврди дека е потребно повторно гласање, тоа ќе почне најмногу две недели по донесувањето на одлуката.